Вардар чека на судбината, може да заврши сезона со само – три ѕвезди!?

Најтрофејниот македонски ракометен клуб Вардар повторно е во фокусот на вниманието, повторно поради „старата болка“, а тоа е финансиски проблеми. Некои ракометари веќе си заминаа, а дел од нив чекаат на расплет кој ќе биде познат по мечот со Мотор Запорожје.

Пред важниот натпревар, клубот остана без најдобриот играч Даинис Кристопанс кој реши да земе исписница и да замине веднаш во Фуксе Берлин. Најавите не се позитивни, барем засега, затоа што можно е тимот да остане и без другите важни имиња во ростерот.

Иднината на тимот повторно е доведена под знак прашалник, затоа што се чека на состанок на кој ќе се даде конкретна информација околу тоа што го чека актуелниот европски првак. Дел од ракометарите сакаат да бидат „на чисто“, односно да знаат што ќе биде и како на финансиски план понатаму ќе функционира Вардар.

Неофицијално, дел од ракометарите се подготвени да си заминат ако во рок од седум дена нема конретно решение околу РК Вардар. Информациите кои кружат се дека екипата крајот на сезоната може да ја дочека само со три звучни имиња - капитенот Столе Стоилов, како и крилата Тимур Дибиров и Иван Чупиќ.

Артурс Кугис, Домен Пелко, Глеб Калараш, Сергеј Горпишин, Кристијан Дисингер, Сергеј Горбок, Сташ Скубе и Хозе Толедо се на „стенд бај“. Сакаат да ја знаат иднината на Вардар, во спротивно може да завршат како Даинис Кристопанс и Павел Атман - во нова средина, среде сезона. Не е познат ставот на македонските ракометари, за кои не е исклучена можноста да останат барем до крајот.

Даинис Кристопанс замина во Германија, а Атман ја засили Спартак Москва. Трансфер договори и Калифа Гедбан, кој се сели во Адемар Леон од следната сезона. Голем интерес постои за Дисингер, Скубе и Толедо, кои се повзруваат со Спортинг Лисабон, односно ПСЖ и Хановер, како и Висла Плок.