Вардар без пет првотимци во Букурешт: „Сакаме победнички крај“

Македонскиот ракометен првак Вардар во Букурешт ќе го игра последниот меч од СЕХА-лигата за оваа сезона. Противник на „црвено-црните“ ќе биде Стеауа, тим против кој стратегот Роберто Гарсија Парондо посакува триумф, за победнички крај на годината.

Вардарци и покрај многуте проблеми со повредени играчи, важат за фаворити. Парондо посака победа, во што подобро издание на македонскиот гигант на гостинскиот терен каде ќе се игра за првпат, со оглед на тоа што Стеауа е дебитант во СЕХА.

„Дуелот со Стеауа во Букурешт ќе биде последен за нас за оваа година, пред новогодишните и божиќните празници. Имаме многу проблеми со повредени играчи и во овој момент нема да може да сметаме на Борозан, Мораеш, Дибиров, Шишкарев и Кристопанс. Некои помлади ракометари ќе добијат шанса да покажат што знаат и се надевам дека Вардар ќе се прикаже во најдобро издание, за да си ја оствариме нашата цел, а тоа е победа“, изјави Парондо.

Вардар е лидер на табелата во СЕХА-лигата и за врвот се бори со ППД Загреб. Стеауа, пак, се наоѓа во лоша форма и има три порази во низа. Натпреварот се игра од 18:15 часот.