Ванев блиску до сениорскиот тим, дали двајца Македонци ќе заиграат за Амичитиа Цирих?

Младиот македонски кружен напаѓач Ник Ванев блеска во дресот на Амичитиа Цирих и како награда за успешната сезона, во следната ќе биде пред очите на сениорскиот тим. Имено, младиот Ванев се бори за трофеите во јуниорскиот шампионат на Швајцарија, а веќе доби најава дека следната сезона ќе биде дел од националната лига Б.

„Следат битки со Фади Винтертур, тоа се финалиња во jуниорска конкуренција во Елитната лига до 19 години. Во оваа завршна фаза се добива првакот на Швајцарија во Елитната лига составена од момчиња родени 2005 и 2006 година и помлади. Јас сум еден од најмладите и во таа лига“, вели младиот ракометар.

Во сениорска конкуренција во Швајцарија лигите се класифицираат  на Национална лига А, Национална лига Б, па Прва лига, Втора лига, Трета и Четврта лига. За да влезеш во национална лига Б во сениорска конкуренција, а ти си дел од јуниорска лига со само 17 години, потребна е спремност и на физички и на психичи план. Ник е  потенцијален голем талент и веќе тренира со зрели и искусни играчи. 

Младиот ракометар ни објасни на кое ниво е швајцарскиот ракомет, какви се нивните клубови, младите ракометари, националните селекции?

„Потенцијалот е многу голем, има преголема конкуренција и многу ракометни клубови. На пример во јуниорска конкуренција го има следниот лигашки пример: У19 елите (се игра на државно ниво низ цела Швајцарија), У19 Интерна (се игра во региони и секој регион си има своја лига), У19  перформанс и се игра регионално, секој регион си има свои лиги. Се забележува голем напредок и во квалификациите за Европско првенство до 18 години во Скопје, швајцарската репрезентација ја победи Македонија“, смета Ванев.

Во дресот на Амичитиа Цирих со успех настаува Мартин Поповски, кој неодамна доби нов договор. Со оглед на прогресот на Ник Ванев, не е исклучена можноста двајца Македонци да заиграат во дресот на клубот од Цирих.

„Со Мартин трениравме заедно околу една година, а и моментално се гледаме на тренинзите. Следната сезона им доаѓа нов тренер од Шпанија и под негова палка ќе бидат сениорската екипа на Амичитиа, но и екипите во Национална лига Б и Јуниорска лига У19. Планирано е од следната сезона три дена да тренирам со сениорите, а еден до два дена со јуниорите“, заврши Ванев.

Швајцарскиот клупски ракомет е во подем, а и националните репрезентации се на одлично квалитативно ниво.