• Мартин Танасковски
Женската ракометна Лига на шампиони дојде до уште еден крај, а се ажурира листата на најдобри стрелци во најквалитетното натпреварување на Стариот континент.
Меѓу најдобрите 100 стрелци во елитното друштво, има место за една Македонка. На листата се наоѓа Валентина Радуловиќ, најдоброто крило во историјата на независна Македонија, која има две титули во ЛШ со Шлагелсе.
Радуловиќ низ настапите во ЛШ со Кометал ЃП, Шлагелсе и Хипо дојде до бројката од 275 постигнати гола и на „вечната листа“ се наоѓа на 97-то место. Во пензија, Радуловиќ замина во 2009 година, а имаше и некои мали повремени настапи во улога на тренер-играч во женската ракометна Суперлига низ годините.
Најдобра во историјата на ЛШ е Романката Кристина Неагу со 1232 гола, пред поранешната вардарка Јованка Радичевиќ со 1181 гол. Третото место ѝ припаѓа на уште една екс-членка на ЖРК Вардар, тоа е Андреа Лекиќ со 1073 гола.
Зад нив, најдобрата „петка“ ја комплетираат Анита Горбиц (1016 гола) и Ана Грос (967 гола).





