• Зоран Мишевски

Ракометарките на Вајперс Кристиансанд се радуваа во првото полуфинале против Ѓер (35-37) во женската Лига на шампиони. Големата драма во „МВМ Дом“ му припадна на европскиот првак, кој ќе има шанса трета година во низа да го крене трофејот во Будимпешта. Норвежанките испуштија убедлива предност и дозволија драма до последните секунди, а имаа среќа и победија.
Европскиот првак наметна силно темпо од самиот старт. По три израмнувања, Норвежанките загосподарија со играта во два правци и почнаа да градат предност. Јанина Робертс беше незадржлива и Мартин побара тајм-аут при 6-10. Офтедал брзо го врати Ѓер во игра, но Вјахирева, Вале Дал и Кнедликова погодија во серија за 12-16 во 20. минута. Избраничките на Оле Густав Гјекстад делуваа незадржливо и во 24. минута поведоа со високи +7. Со три врзани гола Стине Офтедал спушти на -4, но Вајперс Кристиансанд на одмор замина со високи 23-18.
Вториот дел тргна во знакот на шампионките кои дојдоа пак до највисоката предност од седум гола. Ѓер не се откажуваше, се обидуваше резултатски да се врати. Во првиот дел од второто полувреме Вајперс се одржуваа на безбедна позитива, меѓутоа Унгарките успеаја да пријдат на -3 во завршницата.
Јасно беше дека во последните пет минути ќе има драма, Ѓер иако беше со две ракометарки помалку, се одржуваше во игра. Еден од клучните моменти на средбата можеби беше промашениот пенал на Тедикова за +4, по што унгарскиот колектив преку Офтедал пријде на два гола дефицит. Одново Норвежанките погрешија, направија пробивање, меѓутоа и Ѓер со грешно додавање испушти голема шанса. Ништо не одеше од рака за Кристиансанд, Јерабкова доби две минути и го остави ривалот во игра. Клучна одбрана забележа Катрин Лунде по ударот на Грос. И покрај тоа следеше нова грешка и гол на Ѓер за 35-36, па во последните триесет секунди Вајперс имаше гол предност и напад. Победоносниот погодок за финале го даде Вјахирева, па Норвежанките одново ќе се борат за трофејот.
Во второто полуфинале ќе се судрат Ференцварош и Есбјерг.