Узунчев промаши пенал за реми, Тиквеш го доби Бутел Скопје

Екипата на Тиквеш успеа да освои нови суперлигашки бодови, овој пат во соочувањето со Бутел Скопје (25-24) во меч кој се одигра во салата „Јасмин“ во Кавадарци.

  • Комплетниот натпревар меѓу Тиквеш 2014 и Бутел Скопје:

Средбата беше израмнета, а се реши на самиот крај. Двата тима беа резултатски близу цело време, на паузата беше 14-13, а во ист ритам продолжи мечот до самиот крај. Тогаш, во еден неефикасен финиш, Мартин Димовски врза два гола и од 23-23, донесе 25-23 за Тиквеш.

Потоа Ѓорѓиевски го врати Бутел во живот, а по промашување на Мијушковиќ, гостите влегоа во ситуација да се борат за реми. Сепак, седмерец на седум секунди пред крајот не успеа да релизира Димитар Узунчев кој шутираше над голот.

Димитар Коцев со осум и Мартин Димовски со шест гола беа најдобри кај победникот, додека кај гостите, Дамјан Субашевски погоди пет пати.