Утрово почина легендарниот ракометар Пеце Димитровски

Утрово во Битола по кратко боледување во 75. година од животот почина еден од најдобрите ракометари во историјата на нашата земја, Пеце Димитровски. Човекот кој важи за еден од основоположниците на ракометната игра и на спортот воопшто во Битола, од сите едногласно е прогласен за најдобар во битолската ракометна школа.

Важи за еден од најталентираните ракомета­ри кој ја прослави Битола на домашен и меѓународен план. Со спорт почнува да се занимава уште од најраната младост. Во 1957 година ги прави првите чекори во рако­метот. Неговиот спортски талент и рако­метна надмоќ забележани се од тренерот Томе Атанасовски, кој набрзо го вклучува во екипата на РК Работ­ник. Во 1964 година заминува во Ниш, каде две години настапува за екипата на Желез­ничар.

Потоа се сели во Велес каде останува три години, а повторно се враќа во Битола, каде станува член на РК Пелагонија. За својата успешна ракометна карие­ра добива многу награди и признанија од Ракометниот сојуз на Македонија и Рако­метниот сојуз на Југославија. Многу често е на листите за спортист на годината на Ниш, Велес и Битола. Во 1962 и 1968 година настапува за Ракометната репрезентација на Македонија. Во 1966 година станува ре­презентативец на СФРЈ, бранејќи ги бои­те на својата земја на средбите со Полска и Демократска Република Германија. За РК Пелагонија наста­пува како играч и како тренер.

По неговите стапки тргна синот Златко Димитровски, кој долги години настапуваше за Пелистер и во Унгарија, а беше дел и од репрезентацијата на Македонија. По стапките на Пеце и Златко чекори и Иван Димитровски, внукот на Пеце, кој денес настапува во младинската екипа на Вардар. Пеце Димитровски ќе биде погребан утре на градските гробишта во Битола.