Успешно деби за Норвешка, Бразил се „распадна“ на стартот од олимписките квалификации

Норвешка го декласира Бразил (32-20) и се искачи на врвот на групата 1 од квалификациите за Олимписките игри во Токио.

Скандинавската репрезентација не дозволи противникот да се надева на бодови во ниту еден период од мечот. Од самиот почеток избраниците на Кристијан Берге покажаа повеќе желба, но и квалитет од бразилската селекција, која постојано беше во негатива.

Немаше неизвесност во првиот дел кој Норвежаните го добија со 17-12. Потоа продолжија со добрата игра и само ја зголемуваа позитивата до крајот на натпреварот.

Неколку норвешки репрезентативци, покрај редовниот Сагосен, беа расположени за надигрување. Тоа беа лоши вести за Бразилците, чија одбрана беше „растурена“ од секоја позиција.

На десет минути до крајот Норвешка стигна и до двоцифрена разлика и доби можност да ги одмори најдобрите. Сагосен постигна седум, а Бјорнсен и Јондал запишаа два погодоци помалку. Лангаро со четири реализации беше прво име кај јужноамериканската репрезентација.