Уште еден Шпанец во Нант, Антонио Гарсија е нов соиграч на Кире Лазаров

Непосредно пред денешното дерби против ПСЖ во главниот град на Франција, клубот во кој настапува нашиот Кире Лазаров, Нант донесе уште едно засилување. Нов член на поранешниот европски вицешампион е поранешниот шпански репрезентативец Антонио Гарсија Робледо.

35-годишниот лев бек во Нант доаѓа во Франција од Гранољерс и ќе ја зголеми шпанската колонија во тимот кој го води Алберто Ентрериос. Гарсија ќе го заземе местото на Роман Лагард, кој порано од најнапред потпишаниот договор замина во Рајн Некар Левен. Договорот на Гарсија е со важност до крајот на сезоната 2019/20 и со своето искуство тој би требало да биде дополнителна вредност на екипата.

Нант во првото коло на шампионатот на Франција го совлада Данкерк, а вечерва од 20:45 часот ќе се сретне со ПСЖ во големото дерби од второто коло. Во Европа, екипата на Лазаров сезонава ќе се натпреварува во ЕХФ Купот.