Уште еден доказ зошто Скандинавците се ракометни „прототипи“!

На Европското првенство во ракомет освен головите, драмата и големите натпревари, посебно внимание привлекоа и играчите кои издржаа неверојатен физички напор. Статистиката за минути поминати на терен јасно покажува дека некои ракометари одиграа турнир на граница на човечките можности. Најдоминантни играчи во оваа категорија се Скандинавци.

Апсолутен рекордер е данската ѕвезда Матијас Гидсел, кој на терен помина неверојатни 8 часа и 20 минути низ девет одиграни натпревари. Во ритам на врвен, модерен ракомет, со постојани дуели, трчања и контакти, Гидсел повторно потврди зошто важи за еден од најдоминантните и физички најподготвените играчи во светот.

Веднаш зад него се најде исландскиот репрезентативец Един Рикардсон, кој одигра 7 часа и 14 минути исто така на девет средби, покажувајќи огромна издржливост и константност во текот на целиот шампионат. Третото место му припадна на уште еден Данец, Магнус Согструп, со 7 часа и 11 минути на паркетот, што дополнително ја нагласува широчината и физичката моќ на данската селекција.

Во топ-пет најиздржливи играчи на ЕП 2026 се најдоа и Хампус Ване од Шведска, кој на осум натпревари помина точно 7 часа на терен, како и голманот на Исланд Виктор Халгримсон, со 6 часа и 53 минути активна игра на девет меча.

Овие бројки најдобро ја отсликуваат суровата реалност на врвниот ракомет – осум часа игра на највисоко можно ниво, со минимално време за одмор и огромен физички и ментален притисок. Посебно се издвојува подвигот на Гидсел, кој повторно отвори прашање меѓу ракометните експерти и навивачите дали токму тој е најподготвениот и најиздржлив играч во светот во овој момент.