Унгарската репрезентација претрпе коренити промени: Наѓ, Гулјаш, Чема Родригез

Унгарската ракометна репрезентација претрпе коренити промени за во иднина. Имено, на прес-конференција беа претставен идните водачи на сениорскиот национален тим. Владан Матиќ и Иштван Чокнаи ја завршија својата мисија и не добија продолжување на договорот. 

Ласло Наѓ е нов спортски директор на федерацијата, а на местото селектор назначен е поранешниот репрезентативец Иштван Гулјаш. Негова „десна рака“ ќе биде поранешниот соиграч на Кире Лазаров, шпанскиот ас Чема Родригез. 

Нивните договори се потпишани заклучно со Европското првенство во 2022 година, кое заеднички ќе го организираат Унгарија и Словачка. Уште постојат шанси за пласман на Олимписките игри во Токио и Гулјаш на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска ќе се обиде да ја израдува нацијата.

Во последните пет години унгарската репрезентација ја водеа Душебаев, Сабате, Врањеш, Матиќ и Чокнаи, но забележителни резултати немаше ниту еден од нив.