Унгарија се „распадна“ во клучниот меч, Словенија слави полуфинале на ЕП

Иако имаше реални шанси за историско полуфинале на Европското првенство, селекцијата на Унгарија го загуби клучниот натпревар на овој шампионат и остана без борба за континенталниот трофеј. Во последниот натпревар од главната фаза, на Унгарците им требаше победа, но Португалија повторно докажа дека е вистински хит на овој собир и по фантастична партија ги уништи сите соништа на селекцијата предводена од Гулаш и Чема Родригез и заслужено победи со 34-26.

Ракометарите на Унгарија за нијанса подобро го отворија натпреварот во Малме и по првите неколку напади го имаа водството во своите раце (3-4). Но, по десеттата минута Португалија ја презеде контролата врз играта, а со тоа и водството, кое не го испушти до крајот на првиот дел. 

Атрактивното прво полувреме заврши со 30 постигнати гола (16-14), а најзаслужни за тоа беа Мореира (5) и Родригуеш (4), како и Унгарците Балог и Банхиди, кои постигнаа по четири гола. 

Ништо не се промени ниту на стартот вториот дел. Португалија искусно го чуваше минималното водство, но сè до 40. минута кога Унгарија влезе во криза, прими лесни четири гола и ја загуби трката на овој натпревар. На крај Португалците извојуваа победа од 34-26.

Мореира со седум гола беше најрасположен Португалец, а Хернандес и Родригуеш постигнаа по пет. Кај Унгарија Балог и Банхиди разочараа во вториот дел и натпреварот го завршија со по пет постигнати гола. По овој неуспех на Унгарија патниците во полуфиналето од групата 2 веќе се познати, и попладнево Норвешка и Словенија ќе се борат само за првото место.