Унгарија остана перфектна, прв мундијалски пораз за Германците

Германија

Унгарија ѝ го нанесе првиот пораз на репрезентацијата на Германија (28-29) во дербито од последното коло во групата А на Светското првенство 2021.

Голманот Миклер и одличната игра на линијата од шест метри на Банхиди беа клучот за одличниот почеток на Унгарците. Германците постојано бркаа негатива, а со серија од 3-0 го затворија првото полувреме и стигнаа до достижни 14-15.

Германскиот селектор го седна Волф и му даде шанса на Битер. Тоа се покажа како добра одлука, со оглед на придонесот на 38-годишникот во остатокот од натпреварот. На теренот во вториот дел се појавија уште Друкс и Генсхајмер, па германските репрезентативци беа за нијанса посвежи од противникот.

Одбраната на Германија се подобруваше со изминувањето на мечот. На десет минути до крајот погоди Друкс со човек помалку и донесе предност за својот тим по долго време. Унгарија заработи исклучување во моментите кога се одлучуваше победникот. Во последната минута се влезе со резултат 28-28, кога херој за Унгарците стана Мате Лекаи кој го постигна победничкиот гол.

Мате и Банхиди со по осум погодоци беа најдобри кај унгарската селекција, а Шилер постигна седум кај Германците.