Унгарија или Словачка: Каква ќе ни биде ракометната судбина на ЕП 2022?

Ракометната репрезентација на Македонија се пласира на Европското првенство (ЕП) кое ќе се игра во 2022 година во Унгарија и Словачка, а ЕХФ ги одреди шеширите и познато е во која група може да игра нашиот национален тим.

Македонија доаѓа од третиот шешир, а со селекции од тој сад „зафатени“ се групите Е и Ф во Братислава и Кошице, каде ќе играат Чешка и Словачка. Уште четири групи остануваат слободни за нашиот национален тим - тоа се А, Б, Ц и Д. Првите три се во Унгарија - Сегед, Будимпешта и Дебрецен, додека четвртата е во Братислава.

Познати се и селекциите кои се веќе таму распоредени. Во групата А се наоѓа Хрватска, во групата Б е домаќинот Унгарија, во третата група е Словенија, додека во четвртата, единствената „словачка група“, е Германија.

Можеби најдобра варијанта за нашиот национален тим е групата А, каде од првиот сад ја има Хрватска. Каква ќе ни биде ракометната судбина, ќе дознаеме на 6 мај, кога е закажана ждрепката за ЕП 2022 (17:00 часот).