Унгарците останаа во игра за полуфиналето, прв пораз на ЕП за Словенија

Унгарија

Репрезентацијата на Унгарија направи пресврт во второто полувреме и успеа да приреди изненадување против Словенија (28-29) на Европското првенство кое се игра во Австрија, Шведска и Норвешка.

Ова беше прв пораз за Словенците, кој ја прави интересна борбата за полуфиналето во Групата 2 во втората фаза на турнирот.

Првите 30 минути не го најавија конечниот резултат, бидејќи ракометарите на Љубомир Врањеш доминираа и изградија солидна предност. Одиграа одлична одбрана, а нападот функционираше на посакуваното ниво и постигна дури 16 гола.

Но, само што започна вториот дел, унгарската одбрана, како и на неколку меча претходно, одговори на свој начин. Значително им ја отежни работата на противниците, кои постигнаа само шест гола за повеќе од 20 минути игра.

Кружниот напаѓач Бахиди беше главно оружје на унгарскиот напад, а воедно нерешлива енигма за противникот. 24-годишникот постигна дури девет гола и беше најзаслужен за големиот триумф на својот тим. Во редовите на Словенија се истакнаа Доленец со осум, а Зарабец и Благотиншек постигнаа по четири гола.

Скандинавското дерби меѓу Норвешка и Шведска ќе биде последниот натпревар во денешната програма на Европското првенство.