Унгарците го соборија светскиот рекорд за посета на еден женски ракометен меч!

Женскиот ракомет и унгарската публика вечерва испишаа историја. Целта која организаторот си ја постави, целосно ја оствари. Имено, второто полуфинале на Лигата на шампионите меѓу Ференцварош и Есбјерг се одигра пред 20.022 гледачи, што е светски рекорд на еден натпревар од женски ракомет.

Претходниот рекорд го држеа српските фанови, кои во финалето на Светското првенство меѓу Србија и Бразил во декември 2013 година, ја исполнија белградската арена со 19.467 луѓе. Овие бројки најдобро говорат дека Европската ракометна федерација (ЕХФ) не погреши што секој месец мај организацијата на Лигата на шампионите му ја доверува на главниот град на Унгарија - Будимпешта. 

Ланското финале на елитниот европски Куп, меѓу Ѓер и Вајперс Кристиансадн, во „МВМ Дом“ во Будимпешта го следеа 15.400 гледачи, што беше досегашен рекорд на еден натпревар од клупскиот ракомет.

Можеби рекордот уште утре ќе биде подобрен. Најголемата посета на еден ракометен натпревар во машка конкуренција им припаѓа на Германците. Дуелот меѓу Рајн Некар Леван и Хамбург во 2014 го следеа 44.189 гледачи. Со сигурност овој рекорд ќе го соборат Македонија - Франција и Германија - Швајцарија, кои на 10 јануари следната година на стадион во Дизелдорф ќе го отворат Европското првенство за ракометари. Скоро сите билети за првиот денм и овие два натпревари се распродадени.