Учесник на Ф4 во ЛШ го бара Кузмановски, има понуди и од Македонија и Унгарија! 

Филип Кузмановски ова лето се реши за нов предизвик во кариерата, прифаќајќи ја понудата да настапи за Кувајт Клуб во рамките на Азискиот шампионат. По завршувањето на сезоната со Еурофарм Пелистер, македонскиот репрезентативец замина на Блискиот Исток, каде во кратка, но значајна епизода ќе се обиде со својот привремен тим да обезбеди пласман во тамошната Лига на шампиони.

Авантурата на капитенот на Македонија во Азија ќе трае околу две седмици, по што тој ќе се врати во татковината и ќе треба да ја донесе една од најважните одлуки за својата иднина. Познато е дека повеќе не е под договор со Еурофарм Пелистер, но на маса веќе има понуда за продолжување на соработката со „зелено-белите“ на уште две сезони.

Сепак, во меѓувреме се појавија и други сериозни опции, меѓу кои и еден домашен ривал на „зелено-белите“. Кузмановски своето прво интернационално искуство го стекна во Германија, во најсилната ракометна лига во светот, каде настапуваше четири години. Не е исклучена можноста повторно да се врати во Бундеслигата, бидејќи сериозен интерес за него покажува Фуксе Берлин. Тимот кој се пласира на завршниот турнир во Лигата на шампионите внимателно ги следел неговите настапи и го гледа како идеално решение за левата бековска позиција.

Покрај германската опција, интерес постои и од Унгарија. ПИК Сегед одамна ја следи ситуацијата и не ја крие желбата да го доведе македонскиот ас во своите редови. Понуда има испратено и македонскиот суперлигаш Охрид, кој неодамна го освои ЕХФ Купот и јасно ги демонстрира своите високи амбиции за наредната сезона.

Во моментов, Кузмановски е целосно фокусиран на настапите со Кувајт Клуб, но по враќањето во Македонија ќе следи конечната одлука – избор кој ќе го одбележи следното поглавје од неговата кариера.