• Саше Љолес
Ракометарите на Вибжеже Гдањск и Ла Риоха ремизираа и ги поделија бодовите во натпреварот од четвртото коло на Европската лига на ЕХФ (30-30).
Бевме сведоци на исклучително тврд и незивесен натпревар. На паузата Шпанците имаа предност од еден гол (13-14), а и во вториот дел ниту еден тим немаше повеќе од два гола позитива.
Често се играше гол за гол и беше тешко да се предвиди каде ќе заминат бодовите. Во самиот финиш Ла Риоха имаше гол предност, но Гдањск успеа да израмни на 30-30 и сочува еден бод на своето конто. Најдобар поединец кај домаќинот беше Лукаш Морковски со девет гола, а во редовите на Ла Риоха ист учинок имаше Густаво Да Силва Оливеира.
Со ова реми, Полјаците стигнаа до четири бода и го задржаа второто место во групата, додека Ла Риоха е трета со еден бод помалку. Последнопласиран во групата Г е нашиот Еурофарм Пелистер, кој вечерва загуби на гостувањето кај Гумерсбах.
На останатите натпревари беа забележани уште неколку интересни резултати. Извиѓач извојува важна победа на гостувањето кај ЦСМ Букурешт (24-25), Нексе го доби дербито на групата А против Елверум (37-39), додека екипата на Кадетен извојува висока победа против Шамбери со конечни 28-35.



