• Иван Димовски

Жуниор Тузолана е еден од најновите членови на Вардар бидејќи дојде по почетокот на сезоната поради повредата на Мамаду Кеита. Сепак, француското крило се наметна и игра во одлична форма, а беше еден од хероите на вардарци во походот кон Куп-трофејот.
Со пет погодоци Тузолана беше еден од лидерите во финалето против Охрид (23-24), па по мечот не го криеше задоволството.
„Честитки до Охрид, тоа е многу силен проект, а како тим играат одлична сезона. Денес натпреварот беше навистина многу тежок, со многу тензија. Се губеа многу топки, се промашуваа чисти шутеви, ама тоа е финале, притисокот е голем. Одигравме како тим, цела сезона играме така, имаме највисоки амбиции. Менталитетот во тимот наметнат од тренерот Чупиќ е клучен, па ова беше перфектен меч за нас. Освен Купот сега сакаме да го освоиме и трофејот во Суперлигата, како и да се пласираме на завршниот турнир во Европската лига. Сакаме со овие успеси да испратиме порака и за следната сезона“, изјави Тузолана.
Вардар е на пат да ја врати двојната круна во мак-ракометот во Скопје, а ќе се бори и за „фајнал-фор“ во Лигата на Европа.
