Тунижанецот Хосни и Еурофарм Пелистер заедно и следната сезона

Еурофарм Пелистер потврди дека ќе го задржи еден од лидерите на тимот и за следната сезона, Усама Хосни. Тунижанецот стави потпис на нов договор со македонскиот првак и ќе настапува за битолчани и во сезоната 2025/26. 

Хосни ја работи својата втора епизода во таборот на пелистерци. Тој беше член на Еурофарм Пелистер во сезоната 2022/23, потоа кратко замина од Битола, па се врати и ги повтори добрите партии. Оваа сезона Усама Хосни во Лигата на шампионите постигна 24 погодоци за пелистерци. 

„По уште една одлична сезона соработката на Еурофарм Пелистер и Усама Хосни ќе продолжи и во иднина. Клубот и десниот бек се договорија за продолжување на соработката и за следната сезона и веруваме дека заедничкиот период на радости и трофеи ќе продолжи. Усама Хосни минатото лето се врати во Македонија и го облече дресот на македонскиот шампион, по успешната сезона 2022/23, по која за кратко замина од Битола.

32-годишниот Хосни со Еурофарм Пелистер има еден освоен шампионат и еден Суперкуп на Македонија. Сезонава во Лигата на шампионите Хосни настапи на 14 натпревари и постигна 24 гола“, се вели во соопштението на шампионот на Македонија. 

Тунискиот репрезентативец го носеше дресот на Ал-Араби во сезоната 2023/24. Освен во Македонија и Кувајт, Хосни настапуваше во својата земја, во Франција и Катар.