Тулуз ги казни сите грешки, Металург со пораз тргна во Европската лига (ВИДЕО)

Македонскиот претставник Металург со пораз кај Тулуз (33-29) ја отвори групната фаза во Европската лига на ЕХФ и покрај добрите моменти и блесоци во одредени делови од средбата која се играше без присуство на гледачи.

Металург скокна две квалификациски пречки до групната фаза, а на првиот натпревар пресудија многуте грешки во одбраната и загубените топки. Се примаа многу лесни голови, па токму затоа избраниците на Зоран Кастратовиќ може да жалат за поразот. Воедно, во неколку наврати од Металург протестираа за арбитражата на романските судии.

Екипата од Автокоманда беше конкурентна до 6-6, а потоа почна падот. Тулуз направи серија од 4-0 поради грешките во напад и пеколната контра, поведе со 10-6, па тоа беше знак за тајм-аут за Зоран Кастратовиќ. Металург шест минути немаше постигнато гол, Тулуз тоа го искористи и дојде до 12-8.

До финишот на првиот дел Тулуз ја задржа предноста од три гола (18-15), а Металург не успеа да го искористи расположениот Дупјачанец кој запиша пет одбрани, од кои три беа зицери, како и непогрешливиот Поповиќ кој имаше 7/7. На стартот на вториот дел македонскиот тим се доближи на два гола негатива (22-20), арно ама не реализира две чисти контри преку Шилегов за минус еден, па дојде казната (25-21). 

На десет минути пред крајот резултатот гласеше 28-23, Тулуз четврти пат на средбата водеше со пет гола и до финишот не дозволи Металург пак да му прави проблеми кога се говори за победата на овој дуел.

  • Извештај од натпреварот:

Најдобар кај Металург беше Милан Поповиќ кој даде девет гола од десет обида (еден промашен седмерец), а го следеше Рниќ со седум и Тарабокија со пет гола, додека голманот Дупјачанец запиша осум одбрани. Кај Тулуз главен виновник за успехот беше голманот Летен со 12 одбрани, а кај стрелците Јакобсен запиша девет гола.

Следниот меч во Европската лига Металург го игра на домашен терен против Висла Плок (27 октомври).