• Горан Упале
Македонскиот ракометен вицешампион, Еурофарм Работник, попладнево ќе дебитира во елитата на ракометна Европа – Лигата на шампионите.
Во Битола по пауза од 14 години повторно ќе се игра еден натпревар од Лигата на шампионите, а прв противник на „фармацевтите“ ќе биде португалскиот тим на Спортинг од Лисабон.
Иако Еурофарм е дебитант во ова натпреварување во своите редови има ракометари со значителна минутажа во елитата, но и ракометари кои точно знаат како е да се игра Лигата на шампионите во салата „Боро Чурлевски“.
Милорад Кукоски, Никола Митревски и Михаил Петровски се тројцата ракометари на Еурофарм Работник кои во сезоната 2005/06 беа дел од тимот на Пелистер во групната фаза од Лигата на шампионите.
Тогаш друштво им правеше и сегашниот тренер Стевче Алушовски како прва опција на левата крилна позиција, а таа сезона, Пелистер на својот прв натпревар пред битолчани извојува херојска победа над Кадетен Шафхаузен.
Нека биде така и денес, на дебито во Битола на Еурофарм Работник против Спортинг.









