„Трите круни“ насочени кон Лазаров: Мора да најдеме добро решение за него...

Шведската репрезентација во последен момент ќе мора да менува тактика. На првиот меч наместо против Чешка, ќе игра со Македонија, која како прва резерва влета во конкуренција непосредно пред почетокот на Светското првенство.

Тренерот на Швеѓаните, Глен Солберг, не е фан на оваа промена, бидејќи неговиот тим целосно беше насочен кон соочување со чешката репрезентација.

„Јас би сакал прв противник да ни беше Чешка. За неа се подготвувавме долго време. Сега станува потешко бидејќи немаме доволно време за нови подготовки. Но, ќе бидеме подготвени за предизвикот.

Македонија игра различен ракомет од Чешка, па тоа ќе донесе промени во нашиот пристап. Не сме готови со тактиката, мора да најдеме вистинско решение за Лазаров. Тој е фантастичен играч кој е проблем за многу репрезентации“, вели шведскиот селектор.

Шведска ќе се сретне со Македонија во првото коло в четврток со почеток од 20:30 часот.