Трилер-завршницата за Литванија, прв пораз на Македонија во квалификациите за ЕП

Ракометната селекција на Македонија го забележа првиот пораз во квалификациите за следното Европско првенство. По победата на свој терен против Естонија, вечерва нашата најдобра ракометна селекција во драматичен натпревар беше надиграна и поразена од Литванија со резултат 29-27.

Селекторот Кирил Лазаров направи една промена во составот во однос на претходниот натпревар на нашите момци против Естонија. На местото на Мартин Томовски се најде талентираниот Иван Галевски, кој прикажува одлични партии во Алкалоид и заслужено доби шанса да дебитира во репрезентативниот дрес. 

Марко Кизиќ доби предност меѓу стативите, а во нападот предводници беа Павле Атанасијевиќ, Филип Кузмановски и Мартин Велковски, кој со погодок од девет метри го отвори натпреварот и го постигна првиот гол за македонскиот тим. 

Првата голманска одбрана беше забележана во осмата минута, кога Рашимас му фати зицер на Петковски, а домашните ракометари тоа го искористија за прво водство од два гола разлика (4-2). Следуваше период на многу технички грешки на двете страни, па Лазаров мораше да реагира и нападот го освежи со „бисерот“ на Алкалоид, Марко Митев. Но, во прв моменти ни тоа не донесе резултат, затоа што грешките во нашиот табор продолжија и Литванија за првпат се одлепи на четири гола предност (9-5). 

Лазаров го повика и првиот тај-аут, со цел да ги смири своите пулени, а тоа вроди со плод. Пешевски и Кузмановски се разиграа во нападот, а две врзани одбрани впиша Кизиќ, па за краток период литванското водство беше намалено на само еден гол (9-8). Сепак, позитивните минути на Македонија не траеја долго, па Литванија се врати на +3. До крајот на првото полувреме избраниците на Лазаров успеаја да ја намалат негативата и на пауза се замина со 13-12 за домашниот тим.
 
Второто полувреме започна со два погодоци на капитенот Филип Кузмановски и Македонија по подолго време го израмни резултатот (14-14). Следуваше период во кој се играше „гол за гол“. Македонските ракометари погодуваа од различни позиции, но брзата транзиција на Литванците претставуваше голем проблем за нашата одбрана, па во последните десет минути се влезе со егел резултат од 21-21.

Велковски поради неспортски старт заработи исклучување на две минути, но нашата одбрана го издржа налетот на домаќинот, но не и следниот, кој на Литванија ѝ донесе водство од два гола (25-23), на пет минути до крајот на средбата. Кузмановски со соло акција презеде одговорност кога беше најпотребно и намали на еден гол негатива, но Малашинскас со сигурна реализација од седум метри стави крај на сите надежи на Македонија и на својата репрезентација ѝ обезбеди голема победа од 29-27.

Најпрецизен во нашиот табор беше Филип Кузмановски со осум гола, а Пешевски и Серафимов запишаа по пет погодоци. На спротивната страна со по седум гола најефикасни беа Малашинскас и Антанавичиус.

За нашата најдобра селекција ова беше последен официјален натпревар пред настапот на Светското првенство, во кое во групната фаза ќе играме со Унгарија, Холандија и Гвинеја. Во европските квалификации, пак, следниот натпревар е закажан за на 12 март 2025 година на свој терен против Словенија

ФОТО: Ракометна федерација на Литванија