Трилер меч во Брест, „фенерџијата“ Алборг му откина планиран бод на Мешков

По сигурната победа над Целје Пивоврна Лашко, вечерва ракометарите на Мешков Брест не успеаја уште еднаш ги израдуваа своите фанови, откако на домашен терен одиграа само нерешено (23-23) со „фенерџијата“ во групата Б, Алборг, но и понатаму ги задржаа шансите за пласман во елиминационата фаза на Лигата на шампионите. 

Ракометарите на Сергеј Бебешко одиграа натпревар под своите можности и со многу грешки во нападот им дозволуваа на Данците лесни голови, додека во клучните моменти Алборг одигра зрело и квалитетно и не подлегна под притисокот, па поделбата на бодовите е најреалниот исход од овој меч. 

Белорускиот шампион подобро го отвори вечерашниот меч и со серија голови на Ѓорџиќ и Стојковиќ стигна до +3 (7-4) на половина дел од првиот период. Сепак, Алборг во своите редови го имаше расположениот Патрик Ларсен, кој со два гола во финишот од првиот дел донесе водство за својот тим од 10-12, резултат со кој се замина на одмор. 

Стартот на вториот дел повторно им припадна на домаќините, Ѓорџиќ продолжи да го решета противничкиот гол и го врати водството на Мешков. Белорусите по 10 минути игра во продолжението поведоа со 16-14, но Алборг не се предаде и во финишот се влезе со 19-19. Во клучните моменти од мечот се играше гол за гол, а во 59. минута двете екипи не успеаја да реализираат по еден напад, па мечот заврши без победник 23-23.

Прв стрелец на мечот беше Елберг со шест гола, додека во редовите на Мешков Брест се истакна Ѓорџиќ со пет постигнати погодоци.