Трилер меч покрај езерото: Охрид во последната секунда до реми со Пролет

Ракометарите на Охрид по одличната партија на гостувањето кај Металург, очекуваа дека ќе стигнат до првата победа во плеј-офот. Сепак, не успеаја во намерите, бидејќи жилавиот Пролет беше пред триумф, но кружниот напаѓач Пеце Ѓорѓиоски погоди во контранапад за реми, 20-20.

Охрид отвори со предност од 8-2, но тука некаде застанаа избраниците на Горан Андоновски, Пролет полека ја топеше предност и со голот на Џонов стигна до 10-8 пред паузата. Во вториот дел Охрид поведе со 12-9, но гостите стигнаа до 12-12 и оттогаш почна играта гол за гол. 

Пролет водеше со 17-18 и 18-19, но капитенот на домашните, Крсте Андоновски постигнуваше израмнувачки голови и го враќаше својот тим во игра пред крајот на мечот. Пролет даде гол од пенал преку Трајковски на две минути до истекот на времето.

Домашните не искористија два напади за реми, Кобетиќ промаши пенал, но и Пролет не успеа да упати удар и тогаш проработе прилепската врска кај Охрид. Голманот Трајкоски го проигра Ѓорѓиоски, кој буквално во последната секунда го совлада Кимевски за реми 20-20.

Најдобри стрелци кај домашниот тим беа Андоновски и Младеновски со по пет голови, додека четири даде Кобетиќ. Кај Пролет се истакнаа Василевски со седум и Андоновски со пет голови. Во следното коло Охрид дома игра со Еурофарм Работник, додека Пролет ќе го пречека Вардар.