Три гола на Пешевски, Штутгарт направи подвиг со Рајн Некар

Екипата на Штутгарт приреди подвиг и славеше над фаворитот Рајн Некар Левен (35-30) во рамките на шесттото коло на германската Бундеслига, со што ја забележа првата радост во новата сезона во елитата по пет одиграни кола. „Лавовите“ веќе се во криза, бидејќи во вторникот останаа без Европа, по елиминацијата од Бенфика во квалификациите на Европската лига. 

Жарко Пешевски и неговиот тим почнаа непрепознатливо. Но, најдоброто го покажаа на домашен терен против „лавовите“ и заслужено ја запишаа првата победа. Македонскиот кружен напаѓач имаше солиден натпревар на кој даде три гола од четири обида. Најдобар кај стрелците беше Уве Генсхајмер со десет гола, додека кај Штутгарт прво име беше Лон со осум гола, а го следеше Вајс со седум реализации.

На останатите натпревари, Кил беше убедлив со Минден (34-25) во перфектниот натпревар на Никлас Екберг, кој постигна 11 гола од 11 обида. Фуксе Берлин дома го надигра Ерланген (35-30), предводен од Линдберг и Матес со по седум реализации.

Лидер е Магдебург со максимални шест победи, пред Кил и Фуксе Берлин кои имаат пет победи од исто толку одиграни натпревари.