Три бундеслигаши ќе играат за титулата во Европската лига на ЕХФ

Екипите на Фуксе Берлин и Рајн Некар Левен од Германија ги комплетираа учесниците на завршниот Ф4-турнир во Европската лига на ЕХФ, одлучено е по реваншите одиграни во вечерашниот термин.

Фуксе Берлин направи подвиг и по ремито во Германија, забележа победа над Нант на гостувањето во Франција (30-37). Рајн Некар Левен, пак, доживеа минимален пораз од Спортинг во Лисабон (28-29), меѓутоа оди понатаму поради триумфот дома.

Од претходно, место на завршницата обезбедија и Динамо Букурешт од Романија и Флензбург од Германија. Веќе стана пракса да има повеќе бундеслигаши на завршницата во Европската лига.

Лани имаше два, а последен пат кога играа три екипи беше сезоната 2020/21, кога настапија Магдебург, Фуксе Берлин и Рајн Некар Левен, а шампион стана Магдебург. Ланската титула ја брани Фуксе Берлин.