Трет пораз во низа: Вардар во вториот дел ја загуби главата со Кил

Македонскиот ракометен првак Вардар влезе во лоша серија и го доживеа третиот пораз во низа во Лигата на шампионите. Од Скопје со полн плен си замина германскиот бундеслигаш Кил (26-29) кој со овој триумф се искачи на врвот во групата А во елитата.

„Зебрите“ одиграа феноменално второ полувреме, ги искористија сите грешки и загубени топки на вардарци и пак ја замолкнаа СЦ „Јане Сандански“. Кил е ноќна мора за Вардар 1961 во Скопје, затоа што сега на контото има четири победи на последните четири гостувања во главниот град на Македонија. Бундеслигашот ја забележа четвртата победа и во следното коло ќе биде домаќин на Алборг, додека Вардар ќе гостува кај ПИК Сегед.

Натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ почна во знакот на Вардар. Домашниот тим имаше расположен голман во името на Мартин Томовски, кој правеше чуда меѓу стативите и врза четири интервенции во четири напади на „зебрите“, па на својот тим му донесе предност од 3-1. Бундеслигашот цели седум минути беше без постигнат гол, кризата ја прекина кога погоди Рајнкинд (3-2).

Двата тима оттогаш беа изедначени. Ниту еден тим не избега на повеќе од еден гол, од резултатот 3-3, па натаму. Клуч во играта на Веселин Вујовиќ покрај ефикасниот голман беше и Тимур Дибиров, кој даде 50% од головите на вардарци во првиот дел. Главната серија македонскиот шампион ја направи кога од 10-10, постигна три гола во серија и на пауза замина со предност од 13-10.

Во второто полувреме видовме еден нов Кил. На Вардар му недостасуваше втор квалитетен среден бек, затоа што на Анте Гаџа не му одеше според планот. Не функционираше и тактиката „седум на шест“, Ландин влезе во ритам меѓу стативите, а Дувњак во нападот, па Кил успеа да го сврти мечот во своја корист, иако губеше со 15-11. Бундеслигашот од 18-15, постигна пет гола во серија, па поведе со 18-20. Оттогаш, гостинот си ги постави работите на свое место и не дозволи кам-бек на најтрофејниот македонски колектив, иако Вардар покажа заби и се бореше до самиот крај.

Најдобар кај Вардар кај стрелците беше Тимир Дибиров со десет гола, пред дури шест стрелци со по два гола, тоа беа Стоилов, Њокас, Моралес, Тото, Гаџа и Талески. Кај Кил, најдобар беше Дувњак со седум гола, Пекелер даде шест, а Дамке и Рајнкинд постигнаа по три.