• Саше Љолес
Младинската репрезентација на Македонија забележа уште еден пораз во групната фаза на Светското првенство во Полска, а овој пат загуби од селекцијата на Исланд со конечен резултат 34-28.
Избраниците на селекторот Раде Стојановиќ одиграа добро во првото полувреме, па покрај постојаната негатива, до паузата успеаја да се вратат на само еден гол разлика (15-14).
Исланѓаните одлично го започнаа второто полувреме, направиија серија од 5-1 и поведоа со 20-15 во 40. минута, истакнувајќи ја својата кандидатура за освојување на бодовите. Се обиде селекторот Стојановиќ со неколку тајм-аути да ги мотивира своите играчи, но ривалот беше во одличен налет и до крајот само го заокружи триумфот со конечни 34-28.
Двете селекции немаат никакви шанси за пласман во главната рунда, што значи дека до крајот на првенството ќе играат за разигрување во „Президент Купот“, каде за противници ќе ги имаат селекциите на Мароко и Мексико.
Најефикасен ракометар кај Исланѓаните беше Елмар Ерлингсон со девет голови, а во нашиот состав се истакна Димитар Узунчев, кој го заврши натпреварот со десет погодоци.
ФОТО/PHOTO: IHF
