Тренерот на Порто: Врвната одбрана и расположениот голман пресудија со Вардар

Ракометарите на Порто со победа си заминаа од гостувањето кај Вардар (22-26). Ова беше прв домашен пораз на македонскиот тим во Европската лига на ЕХФ. 

По натпреварот своите ставови ги изнесе тренерот на Порто, Магнус Андерсон. Тој нагласи дека клучна улога за победата одиграла добрата одбрана на португалскиот тим, како и расположениот голман.

„Навистина сум среќен за победата, беше многу важна за нас и одигравме врвно во одбрана. Дефанзивата ни беше силна страна, но бевме малку полоши во нападот и правевме технички грешки. Во вториот дел игравме „седум на шест“ за првпат оваа сезона. Исто така и нашиот голман Рема Маркес фати многу важни топки“, изјави Андерсон.

Веќе следниот вторник многу работи можат да бидат појасни, бидејќи Вардар му гостува на Порто кој е директен конкурент за второто место кое води во нокаут сегментот.