Тренерот на Магдебург: Задоволен сум од Кузмановски и покрај јазичните бариери

Филип Кузмановски

Македонскиот ракометар Филип Кузмановски ја игра првата сезона во Бундеслигата. Од оваа година, тој е дел од Магдебург, каде доби шанса да напредува и да се докажува.

Тренерот на екипата Бенет Вегерт за него вели дека одлично се адаптира во тимот, но има мали проблеми со јазикот, на кои напорно работи за да ги анулира.

„Многу сум задоволен од новајлиите во клубот. Од момците кои претходно играа во Бундеслигата, тоа се очекуваше. Во случајот со Тобијас Тулин и Филип Кузмановски, тие се адаптираа многу добро и двајцата имаат одреден удел во успесите. И двајцата се исто така зафатени со рушење на јазичните бариери, што се надевам дека во блиска иднина нема да биде проблем“, истакна предводникот на бундеслигашот.

За 23-годишниот македонски репрезентативец ова е прв предизвик надвор од државата, по настапите за Пелистер, Металург и Еурофарм Работник.