• Мартин Танасковски
Француската ракометна легенда Лук Абало во новата сезона ќе игра во Норвешка, затоа што се договори со тамошниот првак Елверум.
35-годишното десно крило по долги години замина од ПСЖ, во потрага по поголема минутажа. Доаѓа Мундијалот, Абало сака место во тимот на „триколорите“, па се реши да потпише за Елверум кој во новата сезона влегува со поголеми амбиции.
Трикратниот светски и европски шампион со Елверум потпиша договор за една сезона, со можност за продолжување. Елверум ќе биде нов клуб за Абало по осум години. Французинот од 2012 година играше за ПСЖ, а претходно беше дел од Атлетико Мадрид, Сиудад Реал и Иври. Во периодот минат во Шпанија, Абало ја делеше соблекувалната со Кире Лазаров.
Пред неколку дена, спортскиот директор на Динако Букурешт изјави дека романскиот шампион преговара со француското крило. Сепак, норвешкиот шампион го обезбеди неговиот потпис и веројатно ќе игра во Лигата на шампионите, со Абало како главна ѕвезда.