Трансфер „бомба“ на Еурофарм Пелистер: Потпиша со најдобриот египетски голман!

Првата трансфер „бомба“ во 2021 година во Суперлигата доаѓа од Битола. Половина година по заминувањето на Никола Митревски во Порто, клубот ја пронајде неговата замена. Нов член на Еурофарм Пелистер е репрезентативецот на Египет, Карим Хендави.

„РК Еурофарм Пелистер официјално го претставува првото засилување во 2021 година. Нов член на нашиот клуб е репрезентативецот на Египет, Карим Хендави. Најдобриот египетски голман доаѓа во Битола како големо засилување за голманската позиција“, се вели во соопштението на клубот. 

Хендави потпиша договор и официјално ќе биде претставен штом ќе му завршат репрезентативните обрвски на Светското првенство. Хендави има 32 години, долго време е најдобар египетски голман и стандарден репрезентативец, а има и акумулирано искуство од настапи во Европа.

По искуството во Замалек, во шампионатот на Египет, Хендави мина две сезони во првакот на Турција, Бешикташ, а последен клуб за кој настапуваше е романската екипа Доброгеа Суд. Хендави доаѓа како слободен ракометар и ќе биде еден од ретките Африканци и само втор ракометар од Египет кој ќе го носи дресот на Еурофарм Пелистер.

Новиот голман на битолскиот клуб висок е 188 сантиметри и важи за импулсивен голман, со нескриен темперамент. Со египетската репрезентација освои злато на Африканскиот шампионат во 2016 година на домашен терен и во 2020 година во Тунис.

Клубот ќе го претстави во Битола по завршувањето на Светското првенство, кога ракометарот ќе се јави на тренинзите на Жељко Бабиќ.