Тоскиќ по сензацијата со Кил: Играчите се бореа како лавови, горд сум!

Ракометарите на Целје Пивоварна Лашко направија огромен подвиг и дома го совладаа Кил (38-36) во рамките на Лигата на шампионите. Словенечката екипа се надмина себеси, одигра неверојатен натпревар и постигна голем резултат во групната фаза. 

По мечот, предводникот на тимот Ален Тоскиќ немаше ништо друго, освен пофални зборови за својата екипа. Екс-вардарецот нагласи дека е горд, зборуваше за борбеноста и поддршката на фановите. 

„За нас ова е неверојатен резултат кој многу го посакувавме. Игравме против еден од најдобрите клубови во Европа, но не се плашевме од предизвикот и одигравме храбро. Му кажав на тимот дека ако одиграме најдобро, можеме да го предизвикаме Кил за победата. Се боревме како лавови!

Многу сум горд на моите момци, им честитам за прикажаното на теренот. Ова е вистинскиот пристап кој мора да го имаме на секој натпревар. Кога на ова сè ќе ја додадеме поддшката на фановите, сè е можно во Златорог“, рече Тоскиќ.

За Целје ова беше прв триумф во елитното натпреварување, откако во првата рунда загуби од Алборг. Од друга страна, Кил на стартот убедливо славеше против норвешки Елверум и сега го запиша првиот неуспех.