Томовски солиден, шампионот Кил пресилен за Лудвигсхафен

Ракометарите на Лудвигсхафен загубија на домашната пресметка против шампионот на Бундеслигата Кил со 20-29 (10-13). Иако домаќините се држеа во првиот дел, искуството и квалитетот беа апсолутно на страната на „зебрите“ кои убедливо победија. 

Лудвигсхафен тргна добро, водеше на стартот и иако доживеја пресврт од Кил, беше на пристоен резултатски дефицит. Во вториот дел гостите искусно ја продлабочија предноста и славеа триумф. 

Македонскиот голман, Мартин Томовски имаше солидна партија со шест интервенции. Пред него и соиграчите се уште две бундеслигашки средби, а најважен ќе биде следниот дуел против Минден за четири дена бидејќи директно ќе одлучува за избегнување на 17-тата позиција која води во втората лига. 

Томовски ќе ги доработи уште двете преостанати кола, па ќе се врати во Македонија и ќе се приклучи на Вардар чиј гол ќе го брани наредната сезона.