Томовски: Си ја одбранивме „куќата“, плусот од седум гола е добар

Голманот Мартин Томовски си ја заврши задачата меѓу стативите и му помогна на Вардар 1961 да слави против Еурофарм Пелистер (31-24) во првото дерби во лигашкиот дел од плеј-офот во сезоната. По мечот, чуварот на мрежата направи анализа и кажа дека сите се задоволни од победата.

„Ние бевме тука на терен излезени со една цел. Играме дома, општонародно што се вели, кога имаме гости, мора да си ја одбраниме куќата и тоа го направивме. Еурофарм Пелистер прикажа силна борба, се работи за доста квалитетна екипа. Се виде дека добро не анализираа, ама со нашите индивидуалности, со верба во она кое го правевме и силна одбрана во вториот дел успеавме да создадеме висока разлика и да си ја завршиме работата. Нашата цел беше победа, таа ни е најважна. Гледавме да ја искористиме секоја можност за гол повеќе и сигурно дека тие седум гола разлика ќе ни бидат корисни за реваншот“, изјави Томовски.

Со оваа победа Вардар останува единствен без пораз во плеј-офот. Еурофарм Пелистер првпат загуби од некој од ривалите. Вториот дуел кој веројатно ќе ја одлучи титулата се игра во мај.