• Иван Димовски
Германскиот бундеслигаш Потсдам се прости од македонскиот репрезентативен голман Мартин Томовски. 27-годишникот минатата сезона ја мина во Потсдам, а се истакна особено во втората полусезона кога блесна.
Веќе беше јасно дека Томовски во следната сезона ќе побара нова средина, желбата е повторно да брани во Бундеслигата. По крајот на сезоната, клубот објави фотографии од неговиот престој во клубот, а голманот испрати и кратка порака.
„Навистина уживав во моето време минато во Потсдам. Дури иако ми беше потребно време да се навикнам, запознав одлични луѓе и вистински професионалци. Ова беше посебен период во мојот живот, не само на спортски, туку и човечки план“, изјави Томовски.
Потсдам заврши на последната позиција во Бундеслигата, без никакви шанси за опстанок. Токму релегацијата е главна причина за новата промена на средината на Томовски.