Томовски потврден во Лудвигсхафен: Сакам вакви предизвици уште од дете

Македонскиот репрезентативен голман Мартин Томовски е потврден како ново засилување на германскиот бундеслигаш Лудвигсхафен, каде доаѓа од редовите на Куп-освојувачот Металург.

21-годишниот голман ќе биде дел од екипата веќе од наредната сезона и со германскиот тим потпиша двегодишен договор. Минутажата меѓу стативите Томовски ќе ја дели со Штефан Ханеман.

„Среќен сум затоа што станав дел од ова ракометно семејство. Имав понуди од други тимови, исто така од Германија, но одлучив да дојдам тука поради добрите планови, проектот и визијата. Енергијата на луѓето со кои бев во контакт ме убеди да потпишам. Сакам вакви предизвици уште од дете. Затоа, едвај чекам да почнам да играм за овој тим. Ќе биде тешко да ги оствариме нашите цели, но само тешки предизвици може да ни донесат напредок и да ни помогнат да пораснеме како играчи“, изјави Томовски.

Младиот голман целата своја кариера ја мина во редовите на Металург, каде се афирмира како голман преку настапите во домашните натпреварувања, СЕХА-лигата и Лигата на шампионите.

Лудвигсхафен е на последното место во Бундеслигата на коло пред крајот и нема шанси да се спаси.