Томовски: Последните две години во Металург многу ме истрошија! 

Gol.mk ексклузивно интервју

По одличните настапи за Металург, како и за младинските категории на Македонија, младиот голман Мартин Томовски ова лето се реши да ја напушти татковината и својата кариера да ја продолжи во странство. И тоа не каде било, туку во најсилното првенство на светот – Бундеслигата. 

22-годишниот чувар на мрежата е сместен меѓу идните македонски ѕвезди кои треба да бидат столбот на новата ракометна генерација. Впрочем, тој беше меѓу ракометарите кои блеснаа во историскиот успех на младинската репрезентација пред две години, кога водена од селекторот Илија Темелковски го освоија шестото место на Светското првенство во Алжир. Неговите одбрани беа клучни на овој собир, но иако во борбата за петтото место беше неверојатен со 18 интервенции, сепак нашата младина не успеа да направи уште еден подвиг и загуби од Унгарија. 

Томовски својата голманска кариера ја започнува во академијата на Металург, од каде преминува во Пролет, но за краток период се врати во Автокоманда и го потпишува првиот професионален договор. Во интервју за Gol.mk тој открива неколку интересни детали од својата кариера, меѓу кои дека последните две сезони во Металург го истрошија психички.

„Во периодот како професионален ракометар на Металург и репрезентативец на Македонија, единствена обврска е да ги исполнувам обврските од мојот договор и професионално да ги реализирам сите поставени обврски и задачи и притоа давајќи максимум на секој тренинг и натпревар, а не да водам политика во клубот, која многу ме истрошува.

Последните две години од мојот договор многу ме истрошија психички, од непочитување на договорот од страна на клубот. Тоа многу придонесуваше за осцилациите на мојот континуитет, како на натпреварите, така и од мојот придонес како голман. Поради горенаведените проблеми од договорот одлучив да заминам во Лудвигсхафен и да видам кои се моите вистински вредности како ракометар, личност...“, ни рече Томовски. 

Комплетното интервју на Мартин Томовски со Gol.mk ќе можете да го прочитате во следните денови.