• Горан Упале

Машката сениорска ракометна репрезентација на Македонија в среда го започнува новиот циклус квалификации за пласман на Европското првенство. Прв ривал на црвено-жолтите е селекцијата на Луксембург.
Нашите ракометари влегуваат како апсолутни фаворити во овој дуел. На домашен терен пред верната публика во „Борис Трајковски“, целта е експресна и уверлива победа за отворање на квалификациите со максимални две бода.
„Луксембург не е селекција која што треба да се потцени, така што мораме да бидеме максимално фокусирани. Ќе дадеме се од себе да се радуваме на првата победа во овој европски циклус. Се разбира дека натпреварите со Луксембург и Грција ќе ни бидат еден вид на подготовка за она што ни следи во јануари – настапот на Светското првенство. Немаме многу време до тоа првенство, но овој собир да го искористиме максимално, имаме нов играч, кој треба да се воигра во екипата. Атмосферата во селекцијата е одлична, се надевам на одлични настапи и на напредок во секој сегмент.
Работам напорно, среќен сум на мојата моментална форма. Се надевам дека таа форма ќе ја пренесам и во селекцијата, бидејќи во овој момент тоа е најважно за полесно да функционираме и да победуваме“, кажа голманот Мартин Томовски.
Овој натпревар е првиот чекор кон обезбедување нов континуитет на учества на европските собири. Селекторот и националниот тим се фокусирани на дисциплинирана игра во одбраната и брза транзиција во нападот.



