• Мартин Танасковски
Македонија одигра добра одбрана против Словаците во двомечот во баражот за СП 2027 и заслужено се пласира на светскиот собир. Голманот Мартин Томовски имаше свој удел во двете победи, а по мечот направи анализа, посебно ја пофали дефанзивата која беше „ѕид“ пред неговиот гол.
„Најважен е пласманот на Светското првенство. Максимално ја сфативме оваа задача без разлика кој беше на другата страна. Словачка има квалитет, но ние бевме во полн ек и максимално овој собир искористивме сите работи и сили што ги имавме. Сите останавме здрави, се надевам ќе останат така и до крајот на сезоната и во иднина. Менталитетот мора да го менуваме, тоа го бара селекторот и од нас, мора да „газиме“ се пред себе, да напредуваме, без разлика од противникот. Максимално да се залагаме и мислам дека тоа го направивме во овој двомеч. Штутгарт ни е потајна желба да играме на Светското првенство затоа што ми е најблиску до Битихајм, ама не знам дали имаме шанси да играме таму. Наше е да се спремиме, да искористиме добра минутажа во клубовите, во интерес на репрезентацијата. Кога ќе видам дека моите соиграчи „крварат“ на теренот пред мојот гол, тоа уште повеќе ме мотивира и ме возбудува на голот, максимално да се залагам сите удари да ги запреме на најдобар можен начин“, изјави Томовски.
Ждрепката за СП 2027 за Македонија ќе биде на 10 јуни.



