Томовски: И Кил има слаби страни, ќе се обидеме да ги искористиме

По двата порази од Монпелје и Алборг, македонскиот шампион Вардар влезе во резултатска криза во Лигата на шампионите. Претпоследниот европски првак Кил доаѓа во незгоден момент во Скопје, но мотивира во обидот да се оствари чудо. 

Голманот Мартин Томовски во заморот на гостинскиот тим и внимателната игра ја гледа шансата за успех.

„Концентрацијата, дисциплината и комуникацијата се клучните елементи кои треба да ги поправиме за да се надеваме на добар резултат против Кил. Германскиот тим е одлична екипа, но и тие имаат свои слаби страни и мислам дека ќе ги искористиме нивните недостатоци, како и жестокото темпо кое го имаат поради згуснатиот календар“, вели репрезентативниот голман.

Натпреварот Вардар 1961 - Кил се игра утревечер во 20.45 часот во СЦ „Јане Сандански“.