• Горан Упале
Македонскиот репрезентативен голман Мартин Томовски продолжува со феноменалните настапи во дресот на германскиот второлигаш Битигхајм, потврдувајќи дека игра во одлична форма во текот на целата сезона.
Екипата на Битигхајм запиша нова значајна победа во Втората Бундеслига, откако на гостински терен славеше против Лудвигсхафен со убедливи 24-31. Гостите уште од самиот почеток наметнаа свој ритам, а во клучните моменти повторно блесна македонскиот чувар на мрежата.
Томовски беше еден од главните фактори за новите бодови на лидерот на табелата.
Македонскиот репрезентативец имаше одлична вечер на голот и натпреварот го заврши со петнаесет успешни интервенции, од кои неколку беа во моменти кога домаќините се обидуваа резултатски да се вратат во игра.
Со сигурноста на голот и одличните одбрани, Томовски повторно покажа колку значи за тимот на Битигхајм, кој со оваа победа ја продолжи успешната серија и ја зацврсти лидерската позиција во шампионатот.