Томас не може да го преболи поразот од Вардар: 45 минути бевме подобри, но...

Капитенот на Барселона, Виктор Томас, се уште има кошмари поради поразот од Вардар во полуфиналето на Лигата на шампионите минатата сезона.

Каталонците испуштија огромна предност во полуфиналето на завршниот турнир во Келн, па на крај мораа да играат само за трето место. Овој расплет на настаните никако не може да се тргне од мислите на шпанскиот интернационалец.

„Си реков дека го заборавив тешкиот пораз од Вардар, но одвреме навреме повторно ќе ми дојде некоја мисла која ќе ме потсети и ќе ме растажи. 45 минути бевме подобри од нив, бевме најдобрата екипа на светот, а потоа луѓето ни го завртија грбот и направија да се чувствуваме дека одиграното немаше никакво значење. Затоа сакаме да направиме чекор напред оваа сезона, бидејќи ако Барса не освои титула во Лигата на шампионите, тогаш сезоната е промашување“, вели 34-годишниот ветеран.

Шпанскиот првак се засили со Лука Циндриќ, поранешниот вардарец, кој ќе помага со своето искуство во новата сезона на европска сцена.