Тинекс Пролет се засили со репрезентативец на Грција

Македонскиот суперлигаш Тинекс Пролет дополнително ги засили своите редови со ангажманот на Ѓуро Мујиќ, лев бек кој пристигнува од редовите на Олимпијакос. Мујиќ е актуелен репрезентативец на Грција, кој дебитираше за националната селекција на нашиот јужен сосед во јануари, на квалификациските дуели со Кипар и со Грузија.

Мујиќ е роден во 1992 година во Нови Сад, но уште во раното детството со семејството се пресели во Грција. Кариерата ја почнува во Диомидис Аргус, клуб каде настапува до 23-годишна возраст. Потоа замина во германскиот третолигаш Аурих, од каде се пресели во Италија, во екипата на Гаети. Мујиќ реши да се врати назад во Грција и потпиша договор со Олимпијакос, последните две сезони го мина во таборот на „црвено-белите“ од Атина, за сега да му се приклучи на Тинекс Пролет.

Грчкиот репрезентативец освои две титули шампион на Грција и еден трофеј во Челинџ Купот со Диомидис, додека со Олимпијакос има по еден трофеј во грчкото првенство и еден во Купот на Грција.