Тимур Дибиров прогласен за МВП на турнирот во Требиње

Европскиот првак Вардар вчера го освои турнирот во Требиње (БиХ), победувајќи во големото финале против екипата на Металопластика. Писонеро е задоволен од првиот подготвителен и од засилувањата кои пристигнаа летово.

Во финалето вардарци беа подобри од Металопластика со 32-28, додека во групата ги победија екипите на Борац (34-30) и Леотар (38-18). Рускиот репрезентативец Тимур Дибиров беше прогласен за најдобар стрелец и најкорисен ракометар (МВП) на турнирот.

Руското крило во редовите на Вардар, турнирот го заврши со 21 постигнат гол.

„Работам и постигнувам голови за целата екипа. Благодарам за признанието. Турнирот ги оправда сите наши очекувања, а Металопластика се покажа како голем противник“, истакна Дибиров.

Предвидено е Вардар да одигра уште еден тест пред патот за Саудиска Арабија и обидот да ја освои светската круна на ИХФ Супер глуб.