Тимот се менува, навиките не: Вардар убедлив со Еурофарм Пелистер!

Ракометарите на Вардар 1961 не дозволија „брејк“ и со 31-24 (13-10) го добија првото дерби за титулата во Суперлигата против Еурофарм Пелистер. Натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ понуди добра атмосфера, која за жал ја засени прекинот во првиот дел. Првиот дел беше поизедначен, меѓутоа вардарци одлично го завршија првото и го почнаа второто полувреме, период во кој се реши прашањето за победникот. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер:

Гостинската екипа тргна во првиот напад и не реализира, па на одушевување на скопската публика на спротивната страна погоди Куни Моралес. Следеше одговор преку најдобриот пелистерец Каспер Кисум (1-1), но следеа промашувања на двете страни. Првите десет минути минаа со само пет погодоци и гостинско водство од 2-3 по двата гола на Павле Атанасијевиќ. Се продолжи во слично темпо, а за Вардар голови даваа Јагуриновски, Манасков и Талески со што дојдоа до предност (5-4). По петнаесетина минути игра се случи голем скандал, откако пристигна битолската публика. „Чкембарите“ фрлија со пиротехнички средства кон трибините, па тоа ги предизвика дел од „Комитите“ да влетаат на терено. Битолските ракометари беа повлечени во соблекувалните и дојде до прекин на натпреварот. Ситуацијата беше смирена по нешто повеќе од 20 минути и мечот продолжни. Ракометот целосно падна во втор план по продолжението, барем на трибините во Скопје. Откако дуелот продолжи, се играше во исто темпо, гол за гол до 26. минута и погодокот на Жарко Пешевски за 10-10. Потоа следеше мини-серија на Вардар од 3-0 преку Дутра, Манасков и Талески, дополнети од расположениот Томовски на голот, па на одмор се замина со домашна предност од 13-10.

Стартот на второто полувреме понуди перфектна вардарова игра. Голманот Томовски продолжи да ги спречува битолчани, па со головите на Манасков, Георгиевски, Дутра и Талески, предноста првпат дојде на плус седум (18-11). Пелистерци се обидуваа да се консолидираат, во наредните минути врзаа серија од три гола и дојдоа на минус пет. Излезот од мини кризата за вардарци дојде по една мајсторија на Стоилов, под закана за пасивен напад даде проигрување до Георгиевски во свој стил кој го матира Кизиќ. 

Во завршницата се влезе со погодоците на Моралес и Манасков за домашните, додека кај пелистерци расположен беше Пешевски кој даде три гола. Вардар водеше, имаше високи шест погодоци предност и не изгледаше дека ќе си дозволи да ги испушти. Еурофарм Пелистер не запре, играше за својата чест и што е можно понизок пораз, а на крајот тоа беше со седум гола разлика. 

Со по седум погодоци најобри на паркетот беа Филип Талески и Дејан Манасков, додека кај пелистерци се истакна Жарко Пешевски со пет гола. 

Суперлига 2022/23
Плеј-оф - петто коло

Вардар 1961 - Еурофарм Пелистер 31-24 (13-10)

Спортска сала: „Јане Сандански“ - Скопје
Гледачи: 7.000
Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски

Вардар 1961: 
Ристевски, Томовски, Манасков 7, Јагуриноски 1, Стоилов 1, Аларов, Моралес 4, Георгиевски 5, Карапалески 1, Чувара, Талески 7, Дутра 5, Атанасовски, Маркоски, Ќосевски, Мишевски
Седмерци: 1/1 
Исклучувања: 4 минути
 
Еурофарм Пелистер: 
Лесјак, Кизиќ, Ојлески 2, Кисум 4, Радовиќ, Танкоски 2, Костески 1, Хосни 3, Вилсон, Велковски, Петар Атанасијевиќ 1, Васиљев, Суси 4, Пешевски 5, Павле Атанасијевиќ 2, Стевановиќ
Седмерци: 4/3
Исклучувања: 10 минути