Притисокот и стресот кој го имаа на свој грб како да ги налутија ракометарите на Еурофарм Пелистер, па вечерва со моќна партија убедливо го совладаа Тримо Требње во Европската лига (33-26). Првата ѕвезда на пелистерци, Стипе Мандалиниќ во вистински момент блесна на паркетот, беше нерешлива енигма за словенечката екипа и со 11 гола го водеше домашниот тим до заслужената победа, прва во новото натпреварување на ЕХФ. За битолскиот клуб вечерашниот меч беше последен за 2020 година, која сигурно посакува што побрзо да ја заборави. Во овие 12 месеци одигра само шест натпревари (три во гости и три на свој терен) и запиша една победа, едно реми и четири порази.