Македонскиот вицешампион Еурофарм Работник ја загуби првата меч топка и не успеа да ја запише најзначајната победа досега во својата премиерна сезона во СЕХА лигата. Во Битола по одлична атмосфера во салата „Боро Чурлевски“, белорускиот шампион Мешков Брест, и покрај шареноликиот состав со кој допатува, ги надигра домашните ракометари и славеше победа од 32-35 (17-18). За „фармацевтите“ овој неуспех е трет во низа, откако двапати беа поразени од Татран Прешов во Лигата на шампионите. Битолските ракометари го одиграа можеби најлошиот натпревар пред својата публика оваа сезона, одбраната беше трома и неорганизирана, додека нападот често грешеше, па екипа како Мешков одлично го искористи тоа и запиша голема победа на ова гостување.